Започна со работа Македонското православно црковно неделно училиште “Свети Никола”

Можност за изучување и подобрување на степенот на знаење на македонскиот јазик

По повод државниот празник на Република Македонија 8-ми Септември – Денот на независноста на 07.09.2008 година (недела) започна со работа Македонското православно црковно неделно училиште “Свети Никола” во Перт, Западна Австралија кое  функционира според Правилникот на Македонската православна црковна општина “Свети Никола” со адреса на 69 Angove street North Perth, W.A. 6006. Идејата за отворање училиште каде ќе се изучува македонскиот литературен јазик потекнува од поодамна. Целта е изучување, а со тоа и зачувување на македонскиот јазик, литература и култура, зачувување на македонската традиција и обичаи на овој прекуокеански континент Австралија, каде живеат многу Македонци, но во исто време и одлична можност за сите заинтересирани кандидати кои имаат желба да го научат или да го подобрат нивото на знаење на јазикот.

Македонското население кое со генерации живее и работи во Перт, Западна Австралија го користи мајчиниот македонски јазик со примеси на дијалект, најчесто дијалектот од местото на потекло. Младата генерација Македонци кои се родени во Австралија или се донесени како деца, образованието го завршиле (или се уште учат) во Австралија на англиски јазик, малку зборуваат и разбираат кога соговорникот ќе им се обрати на македонски јазик, но не читаат и пишуваат. Доколку зборуваат тие го користат дијалектот на нивните родители, а доколку пишуваат ја користат англиската азбука (латиницата). Повисок степен на знаење на јазикот има кај оние кандидати чии родители сакаат и вложуваат напори нивните деца да го научат македонскиот јазик (зборување, читање, пишување и разбирање) и секојдневната комуникација со нивните деца се одвива на македонски јазик. Интересот за изучување македонски јазик е голем не само кај младите Македонци кои имаат македонско потекло дали од едниот или од двата родитела туку и кај брачните партнери каде едниот е Австралец, а другиот Македонец и кај австралските граѓани кои немаат никакви допирни точки со јазикот освен што можеби  имаат пријатели Македонци.

Поради големиот број пријавени кандидати за изучување македонски јазик, но и поради фактот што тие се на различна возраст и со различен степен на знаење на јазикот претстоеше поделба во групи што ќе се практикува и во иднина. Според половата структура за изучување на јазикот поголема заинтересираност покажуваат припадничките на понежниот пол. Интересот за изучување македонски јазик кај кандидатите кои се од македонско потекло е дотолку поголем поради фактот што тоа е јазикот на нивните родители, на нивните предци, но и поради фактот што секојдневната комуникација е на англиски јазик и тоа не само со пријатели Австралци туку и дома со брат/сестра па дури и со родителите.

Во училиштето досега се запишаа и веќе следат настава кандидати кои не читаат, не пишуваат, не зборуваат и не разбираат кога им се обраќаат на македонски јазик, кандидати кои зборуваат и разбираат кога им се обраќаат на македонски јазик, но не читаат и пишуваат,  кандидати кои  читаат, пишуваат, зборуваат и разбираат кога им се обраќаат на македонски јазик, но посетуваат часови за да си го подобрат степенот на знаење на јазикот и кандидати кои имаат потреба од деловен македонски јазик во различни области поради тоа што во бизнисот им е неопходно да го користат македонскиот јазик заради големиот број клиенти Македонци.

Наставниот план и програма е еквивалентна со наставниот план и програма што се предава во училиштата во Македонија, но начинот на предавање на јазикот е прилагоден и сличен на австралискиот образовен систем. Разлика во предавањето постои и поради фактот што овде јазикот се изучува како странски јазик затоа што најголемиот број од кандидатите за свој основен јазик за секојдневна комуникација го сметаат англискиот што е сосема нормално бидејќи тоа го наложува средината во која живеат и работат. Јазикот се изучува во сите негови форми (зборување, читање, пишување и разбирање на соговорникот) и се почнува од азбуката па се до секојдневна комуникација во различни животни ситуации, па дури и едно повисоко ниво на изучување на јазикот што на кандидатите ќе им помогне во деловната комуникација и кореспонденција.

Програмата за изучување на јазикот опфаќа:
  • Читање, пишување, зборување и разбирање на соговорникот
  • Изучување на граматиката
  • Текстови за граматичка анализа со содржини од македонската традиција, историја и култура каде кандидатите освен што ќе го учат јазикот ќе добијат и информации за македонската традиција, историја и култура.
  • Читање на текстови од областа на географијата кои ќе ја доближат Македонија до сите изучувачи на јазикот.

Преку примена на најразлични средства и методи ќе се достигне посакуваната цел која е заедничка, а тоа е усна и писмена комуникација на јазикот на нашите родители, баби и дедовци, на нашите предци. Се надеваме дека ќе имаме успешна соработка и заедно ќе го достигнеме посакуваното.

Секој заинтересиран кандидат за изучување македонски јазик најпрво треба да пополни анкетен лист кој истовремено е и формулар за запишување. Преку анкетниот лист се добива реална претстава за секој кандидат со цел да биде ставен во соодветната група за изучување на јазикот што е и во негов личен интерес.
Повелете Ве очекуваме.

Подготви:
Билјана Додевска
Професор по македонски јазик и литература


Анкетниот лист можете да го симнете тука:

Анкетен лист - Македонска верзија - Macedonian

Enrollment Application Form - Англиски - English